Москва треба жестоко да му се одмазди на Западот за неселективни санкции кои им штетат на обичните граѓани, изјави поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.

Медведев на Телеграм напиша дека ограничувањата не се наметнати само на функционери и деловни субјекти, туку се насочени против сите граѓани на Русија.

Идејата е јасна: колку повеќе Русите страдаат, толку подобро за Западот, напиша поранешниот претседател, сега потпретседател на рускиот Совет за безбедност и еден од најгласните критичари на Западот.

Медведев презентираше и контраплан. Според него, Русија треба да ги казни своите непријатели создавајќи проблеми за западните економии, поттикнувајќи го јавното незадоволство од „глупавите политики“ на западните влади и промовирајќи меѓународни одлуки кои ги поткопуваат интересите на западниот свет.

Тој е лут на последните американски и европски санкции. Соединетите Американски Држави во петокот објавија дека ставаат на црната листа 500 поединци и компании, а Советот на Европската Унија го посочи тоа за околу 200 субјекти.

Министерството за финансии на САД одлучи да го ограничи државниот оператор на платниот систем „Мир“, чија популарност порасна откако Русија беше отсечена од глобалниот финансиски систем Свифт, а Виза и Мастеркард ја откажаа соработката.

Кремљ упорно повторува дека санкциите се незаконски и дека нивната цел е да ја дестабилизираат Русија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.