Дека ситуацијата со коронавирусот во Кина е критична, индиректно признаа и самите власти, со соопштувањето дека во декември од вирусот починале 60.000 луѓе, иако првично имаше тврдења дека станува збор за 37 лица. Покрај тоа, планот е да се цензурираат социјалните мрежи, за да не се шири паника, а еден клип кој се појави на Твитер сепак го загрижи светот.
Станува збор за видео од надзорните камери на една болница на кое се гледаат условите во кои работат вработените. Една од медицинските сестри, која работи повеќечасовни смени, паднала на подот од умор и исцрпеност.
Ова не е изолиран случај, имајќи предвид дека здравствениот систем е во лоша состојба поради експлозијата на инфекции со Ковид, јавува Си-Ен-Ен.
Кина објави дека од декември до средината на јануари во оваа земја загинале повеќе од 60.000 луѓе.
Она што ги прави овие податоци уште помрачни е тоа што компанијата за здравствени прогнози „Airfinity“ процени дека постојат основани сомнежи дека оваа бројка е всушност десет пати поголема – дека 600.000 луѓе починале како резултат на инфекцијата.
Во текот на изминатите неколку дена, на Интернет се појавија низа искуства на оние кои биле заразени или познавале некој што е заразен откако Кина ги олабави мерките против коронавирусот. Тие сведочеа за состојбата во кинеските болници која наликува на пекол, немањето кревети за пациентите во нив, исцрпеноста на лекарите кои се принудени да работат по неколку дена, како и општиот недостиг на лекови.
Сепак, владејачката Комунистичка партија останува пречувствителна на критиките кои доаѓаат од Западот за нејзиниот одговор на епидемијата и обвинувањата дека не е транспарентна со податоците. Раните предупредувања на кинескиот лекар Ли Венлианг за избувнување првично беа отфрлени како неоснована паника.
Неодамнешното покривање на масовната епидемија по укинувањето на ограничувањата беше означено во државните медиуми како „заеднички напад врз Кина“.
Исто така, здравствените власти тврдат дека сегашниот бран на инфекции го достигнал својот врв, но ги предупредуваат граѓаните и за можни зарази, поради што не треба да ги посетуваат постарите роднини доколку тоа не е неопходно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.