Мајк Пенс, поранешен американски потпретседател во администрацијата на Доналд Трамп, денеска изјави дека изборите во 2020 година во државата Џорџија не биле украдени, без оглед на тврдењата на поранешниот претседател.

„И покрај тоа што поранешниот претседател и неговите сојузници го зборуваат повеќе од две и пол години, изборите во Џорџија не беа украдени, а јас немав право да ги поништам резултатите на 6 јануари“, истакна Пенс на настан во Индијана.  Тоа е негова прва реакција по покренувањето обвиненија против Трамп.

Тој додаде дека на 6 јануари 2021 година  ја извршил својата должност и се погрижил да има „мирен трансфер на власта во согласност со Уставот и законите на САД“.

Пенс нагласи дека никој не е над законот, посочувајќи дека Трамп и другите кои се обвинети „имаат право на презумпција на невиност што ја ужива секој Американец“.

Големата порота во американската сојузна држава Џорџија во понеделникот го обвини Трамп за обид да го поништи својот пораз од демократот Џо Бајден на претседателските избори во 2020 година. Тоа е четврто кривично обвинение против Трамп и второ обвинување за обид за промена на резултатите од изборите во 2020 година. Реагирајќи на покренувањето уште едно обвинение против него, поранешниот американски претседател рече дека се работи за политички мотивирани и измислени обвиненија. Тој најави дека во понеделник ќе објави извештај за „изборната измама“ за која тврди дека се случила во Џорџија во 2020 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.