Премиерот на Летонија, Артурс Кришјанис Кариш, изјави дека руски трупи се префрлиле во источниот регион на Украина, кој Русија го призна како независен.
Според информациите со кои располагам, Путин преместува дополнителни сили и тенкови во окупираните територии на Донбас – изјави Кришјанис Кариш за „Си-Ен-Ен“.
На конкретно прашање дали мисли на влегување на дополнителни руски војници откако Москва ги призна двата сепаратистички региони претходно оваа недела, Кариш одговори: „Да, според информациите со кои располагам, токму тоа го гледаме“.
Два други извори, блиски до американското разузнавање за „Си-Ен-Ен“ потврдиле дека дополнителни руски војници ја преминале границата во регионот на Донбас откако рускиот претседател Владимир Путин ги призна двата региони и вчера издаде наредба за распоредување „мировници“ во Донбас. Според висок американски функционер запознаен со најновите разузнавачки информации, Русија распоредила една до две таканаречени баталјонски тактички групи, дел од главната руска борбена формација, од кои секоја се состои во просек од околу 800 војници.
„Си-Ен-Ен“ посочува дека засега не може од независен извор да потврди присуство на дополнителни руски војници во Донбас.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера ги опиша настаните кои сега се водат во Украина како „почеток на руската инвазија“, но високи претставници на администрацијата оттогаш одбија да потврдат дали дополнителни руски војници влегле во Донбас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.