Осомничениот исламист вчеравечер со нож уби германски турист во Париз во близина на Ајфеловата кула, потврди министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин на социјалната мрежа X.

Во нападот се повредени уште две лица. Дарманин на мрежата Х, порано позната како Твитер, напиша дека полицијата го привела осомничениот сторител.

За време на обиколката на местото на злосторството, Дарманин рекол дека сторителот ѝ бил познат на домашната разузнавачка служба за радикален исламизам и „големи ментални нарушувања“, пренесува телевизискиот канал BFMTV. Уапсениот маж, наводно, веќе бил осуден на четири години затвор во 2016 година по неуспешен план за напад.

Француската премиерка Елизабет Борн напиша на X: „Нема да се поклониме пред тероризмот. Никогаш“. Државното обвинителство за борба против тероризам најави дека ќе го истражи нападот. Мажот нападнал брачен пар германски туристи на мост. Жената не е повредена, но била во шок, изјави Дарманин.

Нападнатиот турист се здобил со повреди на грбот и рамото и доживеал срцев удар, пишува францускиот весник Le Parisien, повикувајќи се на полицијата. Напаѓачот потоа побегнал и нападнал уште две лица пред да биде приведен. Дарманин изјави дека наводниот сторител по неговото апсење рекол дека повеќе не можел да гледа како муслиманите умираат во Авганистан и Палестина.

Тој верувал дека Франција учествува во војната на Израел во Појасот Газа и сакал да умре како маченик. „Ле Паризиен“ објави дека осомничениот сторител, наводно, се заколнал на верност на терористичката организација Исламска држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.