Укинувањето на санкциите наметнати кон Русија е дел од мировните преговори меѓу Москва и Украина, кои се тешки, но продолжуваат на дневна основа, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров во изјава објавена утринава.

Киев во петокот предупреди дека преговорите за ставање крај на руската инвазија, која сега е во третиот месец, се во опасност од колапс.

Во моментот, руската и украинската делегација всушност секојдневно разговараат преку видеоконференција за можен нацрт договор, рече Лавров во коментар за кинеската официјална новинска агенција „Ксинхуа“, објавен и на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски од почетокот на инвазијата на 24. февруари инсистира на тоа дека западните санкции кон Русија мора да бидат посилни и дека не можат да бидат дел од преговорите.

Украина и Русија не воделе мировни преговори лице в лице од 29 март, а атмосферата се влоши поради украинските обвинувања дека руските сили извршиле злосторства додека се повлекувале од областите во близина на Киев. Москва ги отфрли ваквите обвинувања.

Меѓу прашањата се на дневниот ред, меѓудругото, прашањата за денацификација, признавање на новите геополитички реалности, укинување на санкциите и статусот на рускиот јазик, рече Лавров.

Ние сме за продолжување на преговорите, иако тие се тешки, додаде шефот на руската дипломатија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.