Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во телефонски разговор со американскиот колега, Антони Блинкен, изјавил дека Вашингтон води пропагандна кампања за потенцијална руска агресија со цел да провоцира.

Коментирајќи го разговорот меѓу двајцата министри за надворешни работи, руското министерство за надворешни работи соопшти дека Лавров изјавил дека Вашингтон и Брисел ги игнорирале клучните безбедносни барања на Москва.

Русија бара правни гаранции дека НАТО нема да се проширува понатаму на исток или да инсталира ракетни системи во нејзините соседни земји. Западот, од друга страна, ја обвинува Русија дека подготвува инвазија на Украина.

Западот ја охрабрува Украина да ги саботира договорите од Минск со цел насилно да го реши проблемот на Донбас – се наведува на веб-страницата на министерството.

Ден претходно беше објавено дека Западот ги игнорирал „деталните, рационални објаснувања од руските официјални лица“ дека Русија сака мирно решение на украинската криза, во согласност со договорот од белорускиот главен град.

Станува збор за договор од 2014 и 2015 година, потпишан од претставници на Русија, Украина, проруските сепаратистички лидери и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), а поддржан од Советот за безбедност на ОН.

Договорот вклучува точки како што се повлекување на тешкото оружје од источна Украина, одржување избори во одметничките региони и повторно воспоставување украинска контрола на границата со Русија.

Во соопштението објавено во петокот, руското министерство порача и дека државите имаат право да распоредат свои војници на своја територија, а воените вежби што се одржуваат во Белорусија се од одбранбен карактер.

Амбасадорот на Русија во Вашингтон, Анатолиј Антонов, во саботата изјави дека САД создаваат тензија без никакви докази во насока на поддршка на наводите за инвазија.

САД сакаат да создадат впечаток дека агресијата е „неизбежна“ – изјави рускиот дипломат.

Вечерва, во време кога земјите ги повлекуваат своите дипломати од Украина, телефонски треба да разговараат и претседателите на САД и Русија, Владимир Путин и Џо Бајден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.