Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, изјави дека успехот на Украина во борбата против Русија покажува дека земјата може да ги победи Русите, но дека на Киев му треба повеќе оружје од неговите партнери.

Руските сили вчера го напуштија своето главно упориште во североисточна Украина, откако украинските сили го забрзаа напредувањето.

Кулеба, зборувајќи на прес-конференција со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок која беше во посета на земјата, порача дека некои сојузници првично не сакале да испратат оружје, наведувајќи го ризикот од антагонизам од рускиот претседател Владимир Путин.

Сега, фала му на Бога, повеќе не го слушаме овој аргумент. Покажавме дека сме способни да ја победиме руската армија. Тоа го правиме со оружјето што ни е дадено. И затоа повторувам – колку повеќе оружје добиеме, толку побрзо ќе победиме и толку побрзо ќе заврши оваа војна – изјави Кулеба.

Иако Германија испрати самоодни топови во Украина, Киев бара и борбени тенкови Леопард, борбени возила Мардер и противвоздушни тенкови Гепард.

Секој ден, додека некој во Берлин размислува, се консултира или разгледува дали да даде тенкови или не, некој умира во Украина, поради фактот што тој тенк не пристигнал – изјави Кулеба.

Баербок вети натамошна воена помош и не ја исклучи можноста за испорака на борбени тенкови.

Знам дека времето е клучно. Следните неколку недели и месеци ќе бидат од суштинско значење – изјави Баербок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.