Украина и Русија се на чекор до постигнување договор за извоз на житo, тврди украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, во интервју за шпанскиот весник Ел Паис.

Украина е подготвена да го извезува своето жито. На чекор сме до постигнување договор со Русија. Во завршна фаза сме и сега сè зависи од Русија. Доколку навистина сакаат, наскоро ќе започне извозот на жито, појаснува Кулеба.

Во тек се меѓународни преговори за организирање извоз на украинско жито преку Црното Море, каде Анкара игра активна улога.

Турски претставници разговараат за создавање таканаречен житен коридор со Киев и Москва. Претходно, Москва нагласи дека Русија не го спречува извозот на украинско жито преку море.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва ќе гарантира непречен премин на бродови со украинско жито, доколку Киев ги исчисти своите пристаништа од мини.

Во Истанбул денеска ќе се одржи состанок за извоз на украинско жито преку море. Присутни ќе бидат воени делегации на Русија, Турција, Украина, како и претставници на Обединетите Нации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.