Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во обраќањето пред Обединетите нации им порача на оние кои не веруваат дека Киев може да победи во војната со Русија ќе се докаже дека грешат.

Кулеба, кој зборуваше во Генералното собрание на ОН доцна синоќа, во пресрет на втората годишнина од почетокот на руската инвазија на неговата земја, ги повика земјите во светот да застанат покрај Украина, нагласувајќи дека победата ќе дојде, како што посочи, „порано, а не подоцна“ доколку го сторат тоа.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, возврати со повторување на тврдењето на Москва дека таа не го започнала конфликтот.

Тој го обвини Западот за поттикнување на конфликтот и ја обвини Украина дека е алатка во геополитичките амбиции на Западот и вети дека „специјалната воена операција“ на Русија нема да заврши додека не се постигнат нејзините цели.

Тие цели, објавени на 24 февруари 2022 година, денот кога руските трупи ја преминаа границата со Украина, вклучуваат демилитаризација на Украина и обезбедување на неутрален статус.

На состаноците на СБ и Генералното собрание на ОН, што вчера се одржаа во Њујорк, присуствуваа голем број европски министри за надворешни работи, меѓу кои британскиот Дејвид Камерон, францускиот Стефан Сежурне, германската министерка Аналена Бербок, како и полскиот и швајцарскиот министер Радослав Сикорски и Игнасио Касис.

„Денеска се собравме да ја потврдиме нашата солидарност со украинскиот народ, да им оддадеме почит на оние кои ги жртвуваа своите животи во одбрана на слободата и независноста на Украина“, се вели во заедничката изјава на околу 50 земји сојузнички, што ја прочита Кулеба опкружен со десетина министри и дипломати пред состанокот на Генералното собрание.

Во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН, со 193 членки, Кулеба потсети дека повеќе од 140 земји ги поддржаа резолуциите за поддршка на Украина кои бараат повлекување на руските сили. Но, рече тој, „целта на Москва е да ја уништи Украина и тие тоа го кажуваат многу отворено“.

Кулеба рече дека земјите кои сега велат дека Украина треба да преговара со Русија и да стави крај на војната се или „лошо информирани“ или не ги следат настаните по 2014 година, кога Русија го зазеде Крим и го поддржа вооружениот бунт во источна Украина. Тој потсети дека Украина и Русија одржаа околу 200 рунди преговори и склучија 20 договори за прекин на огнот.

„Сите тие мировни напори завршија пред две години, кога Русија го уништи Минскиот процес и ја започна својата целосна инвазија. Зошто некој би предложил денес дека следењето на истата логика ќе не доведе до поинаков резултат“, рече Кулеба

.

Тој додаде дека планот од десет точки на претседателот на Украина Володимир Зеленски е единствениот сериозен мировен предлог на маса и ги повика другите земји да го поддржат. Планот предвидува протерување на руските сили, формирање специјален трибунал за судење на наводните руски воени злосторства и организирање евроатлански безбедносен систем со гаранции за Украина.

За разлика од минатата година, вчерашниот ден не беше одбележан со гласање, што се поврзува со контекстот во кој војната меѓу Израел и Хамас е во центарот на дипломатските борби во ОН. Во февруари 2023 година, Генералното собрание на ОН повторно повика на итно повлекување на руските трупи од Украина, кога огромно мнозинство од 141 земја гласаа за резолуција која исто така повика на „праведен и траен мир“.

Рускиот амбасадор Небензија го критикуваше планот на Зеленски.

„Тоа не е ништо друго туку ултиматум до Русија и обид да се привлечат што повеќе земји на бесконечни состаноци за тој утописки проект“, рече Небезнија.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на состанокот на Советот за безбедност изјави дека руската инвазија на Украина ја прекршува Повелбата на ОН и меѓународното право и дека две години по нејзиниот почеток, војната во Украина останува „отворена рана во срцето на Европа“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.