Рускиот народ „длабоко ја почитува“ кралицата Елизабета Втора, нејзината „мудрост и авторитет“, соопшти денеска Кремљ по смртта на кралицата, додавајќи дека претседателот Владимир Путин нема да присуствува на нејзиниот погреб.

„Таквите квалитети сега се многу ретки на меѓународната сцена“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на денешната прес-конференција. Песков рече и дека претседателот Путин не планира да присуствува на погребот на кралицата, кој ќе се одржи во Лондон за десет или единаесет дена.

„Таа опција не се разгледува“, рече Песков, додавајќи дека се уште не се знае дали претставник на руската влада ќе присуствува на погребот, бидејќи се уште не се објавени детали.

„Сето ова допрва треба да биде објавено на еден или друг начин од страна на кралските служби и властите на Обединетото Кралство“, објасни тој.

Рускиот претседател е изолиран од Западот откако ја започна својата агресија против Украина на крајот на февруари. Вчера, кога почина 96-годишната Елизабета Втора, Путин и оддаде почит на кралицата и изрази сочувство до нејзиниот син.

Патријархот Кирил, поглавар на Руската православна црква, денеска изјави дека кралицата Елизабета Втора е „симбол на историските традиции“ за цела Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.