Кремљ денеска предупреди дека има список на американски и европски имоти што ќе бидат запленети доколку лидерите на Г7 ги конфискуваат замрзнатите 300 милијарди американски долари на руската централна банка.

Лидерите на седумте најиндустриски развиени земји ќе разговараат за нова правна теорија на состанокот во февруари што ќе овозможи заплена на руски имот, изјавија во четвртокот два извора, а потврди неименуван британски функционер.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека таквиот потег на Западот ќе претставува „кражба“, кршење на меѓународното право и загрозување на резервните валути, глобалниот финансиски систем и светската економија.

Тоа би било голем удар за главните параметри на меѓународната економија, тоа ќе ја поткопа меѓународната економија. Исто така, ќе ја поткопа довербата на земјите во САД и ЕУ како економски гаранти. Затоа, ваквите постапки носат со себе многу, многу сериозни последици – рече Песков.

Тој потврди и дека постои список на западни имоти кои Русија би ги запленила во знак на одмазда, но не прецизираше за кои имоти и средства станува збор.

Откако претседателот Владимир Путин испрати војници во Украина во февруари 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии, замрзнувајќи околу 300 милијарди долари руски средства на Запад. Некои западни политичари бараат замрзнатите руски средства во вредност од околу 300 милијарди долари да и бидат предадени на Украина за да ја обнови нејзината економија опустошена од војната.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.