Мистериозни случаи на труење во Иран: стотици девојчиња од женските училишта страдаат од гушење, гадење, вртоглавица. Кој стои зад овој бран труења? Дали верските фанатици имаа удел во она што се случи?
Во неколку училишта за девојки во различни градови во Иран, стотици ученички повторно се затруени. Бројните случаи на необјаснето труење почнаа кон крајот на минатата година и не престануваат. Сега, само во северниот град Ардабил, погодени се повеќе од 400 ученички од вкупно 11 училишта, како што објави иранскиот весник „Шарх“. Речиси 100 од децата се лекуваат во болница, а во некои случаи нивната здравствена состојба се смета за критична. Но, слични случаи повторно се регистрирани и во други градови. Родителите се загрижени, а владата допрва треба да излезе со официјално објаснување за случаите.
Властите долго време се сомневаа дека зад серијата труења стојат насочени напади со отровен гас. Сепак, причините се уште се нејасни. Ученичките се пожалија дека вдишале испарувања со мирис на мандарини, хлор и средства за чистење. Набргу потоа им се слошило, добиле главоболки и срцебиење, се чувствувале многу уморни и немале сила да се движат.
Првично, заменик-министерот за внатрешни работи Маџид Мирахмади ги опиша труењата како психолошка војна што ја водат иранските непријатели: „Повеќе од 99 отсто од нив се предизвикани од стрес, гласини и психолошка војна започната од непријателски ТВ канали за да се создаде стресна ситуација за учениците и за родителите“.
Нападите почнаа во ноември
Првите случаи беа пријавени кон крајот на ноември, во време на разгорени протести во неколку училишта за девојки во шиитскиот Гом. Меѓутоа, во последно време се регистрирани се повеќе случаи во други делови на земјата, а труењата стигнаа и до главниот град Техеран.
Според ирански пратеник, досега речиси 1.200 ученички морале да добијат лекарска помош поради тешкотии со дишењето, а 800 од нив биле отруени само во Гом. Состојките користени против нив таму очигледно содржеле траги од азот.
Крајно религиозни мотиви?
Ултраконзервативниот претседател Ебраим Раиси му наложи на Министерството за внатрешни работи да спроведе истрага, а разузнавањето и Министерството за здравство да му помогнат, објави државната новинска агенција ИРНА.
Поранешната заменичка министерка за женски и семејни прашања Масумех Ебтекар ги повика властите „еднаш засекогаш да стават крај на мизогините фанатици“. А ИРНА го цитираше заменик-министерот за здравство Џунс Панахи, кој рече дека по случаите во Гом, станало јасно „дека некои луѓе сакаат сите училишта, особено училиштата за девојки, да бидат затворени“.
Со месеци властите во Иран се под притисок на протестите кои избија по смртта на 22-годишната Џина Махса Амини. Економските проблеми дополнително ја комплицираат ситуацијата.
Извор: Дојче веле – Бон
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.