Потпретседателката на САД и најверојатниот кандидат на Демократската партија за претседател, Камала Харис, денеска им потврди на своите поддржувачи дека го избрала гувернерот на Минесота, Тим Валц (60) за свој кандидат за потпретседател на ноемвриските претседателски избори.

Харис и Валц, доколку таа биде избрана за претседателски кандидат на Демократската партија, на ноемвриските избори ќе се соочат со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и неговиот потпретседател, сенаторот од Охајо, Џеј-Ди Венс.

Валц првпат беше избран за гувернер на американската држава Минесота во 2018 година, а беше реизбран во 2022 година. Под негово водство во Минесота во последните години се усвоени бројни прогресивни закони, како што се тие за универзалните школски оброци, легализација на марихуаната, заштитата на правата за абортус и мерки за контрола на оружјето, објави „Гардијан“.

Пред да стапи на јавна функција, Валц беше професор во Манкато во Минесота, предаваше географија на средношколци. Тој, исто така, служеше во Националната гарда 24 години и сега е шеф на Асоцијацијата на демократски гувернери.

Тој пораснал во гратче во Небраска, оженет е и има две деца. Според анкетата на „Њујорк Тајмс“/Колеџ Сиена, објавена на 25 јули, Трамп има предност од 48 отсто, додека Харис има 46 отсто.

Според анкетата на почетокот на јули, Трамп имал поддршка од 49 отсто, а американскиот претседател Џозеф Бајден, кој се повлече од кампањата за реизбор на 21 јули, имал поддршка од 41 отсто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.