Рускиот претседател Владимир Путин им нареди на руските војници да не ја напаѓаат фабриката за челик Азовстал во опколениот украински град Мариупол, туку да ја блокираат за да не може да побегне ни „мува“. Огромната фабрика, која се протега на 10 квадратни километри, стана последниот бастион на украинскиот отпор во Мариупол.
Но, кои се борците кои останаа во неа?
Во Азовстал се крие 36-та поморска бригада.
Во средата, нејзиниот командант, мајор Серхи Вољна, рече дека неговите војници нема да се предадат, но побара меѓународна помош за 500 ранети војници и стотици жени и деца, за кои рече дека се кријат со нив во фабриката за челик.
Британците Ејден Ајслин и Шон Пинер, кои го бранеа Мариупол и кои беа заробени од руските сили минатата недела, беа членови на оваа бригада.
Втората единица во фабриката за челик е Азовската бригада, именувана по Азовското Море, која го поврзува Мариупол со остатокот од Црното Море.
Азов е паравојска поврзана со екстремно десничарски националисти, кои во меѓувреме се инкорпорирани во Украинската национална гарда. Се проценува дека ги има 900, пишува Би-Би-Си.
Маринците се здружија со Азовската бригада минатата недела.
Не е познато колку украински војници останале во фабриката за челик, додека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека ги има повеќе од 2.000.
Утринава Азов на Телеграм објави дека во последните денови уништил три тенкови, две борбени возила на пешадија и еден оклопен транспортер, „и покрај исклучително тешката ситуација“.
Меѓу стотиците украински борци и членови на баталјонот Азов кои се засолниле во комплексот на челичарницата Азовстал во Мариупол има најмалку четворица Хрвати – еден Далматинец и тројца Словенци.
Тие се членови на „Азов“, а како што пренесуваат хрватските медиуми зборовите на нивниот пријател кој последен пат ги контактирал пред три дена, „сите вести се блокирани, не е добро…“
– Пред три дена ми се јави нашиот Тони од Далмација, тој е командант на одредот во Азов. Ми напиша дека тој и уште тројца се во тунелите на Азовстал и дека останале на минимална муниција… – изјавил соговорникот на хрватските медиуми.
– Тони и овие Словени се во Мариупол, се плашам да не им оди добро затоа што против нив се кадировците, но и оние од ГРУ – тврди пријател на опколените милитанти.
Потсетуваме, министерот за одбрана на Руската Федерација Сергеј Шојгу вчера го информираше рускиот претседател Владимир Путин дека руската армија го ослободила Мариупол, но дека 2.000 милитанти се уште се на територијата на фабриката Азовстал.
– Ситуацијата во градот е мирна, ни овозможува да почнеме да воспоставуваме ред, да го вратиме населението и да воспоставиме мирен живот. Што се однесува до оние кои побегнаа во фабриката Азовстал и кои таму беа темелно блокирани, ни требаат околу три-четири дена да ја завршиме и оваа работа – рече Шојгу.
Путин рече дека нападот врз индустриската зона е непотребен и издал наредба да се откаже.
– Предложената окупација на индустриската зона ја сметам за непотребна. Наредувам да се откаже – му рекол Путин на Шојгу.
Покрај 2.000 борци кои се во „Азовстал“, министерот за одбрана на Русија додаде дека при ослободувањето на градот биле ликвидирани над 4.000 украински борци, додека 1.478 се предале.
Шојгу нагласи дека во текот на осум години во Мариупол биле донесени голем број оружје, воена опрема и тешки оклопни возила и дека градот „всушност станал моќна тврдина и главен град на баталјонот Азов“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.