Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ги повика граѓаните да останат во своите домови од недела до понеделник, додека Русија го слави Денот на победата, бидејќи западните власти издадоа предупредување дека рускиот претседател Владимир Путин може официјално да и објави војна на Украина на 9 мај, симболичен ден за Русија.

Иако градоначалникот на Киев формално не воведува полициски час, во тоа време нема да се организираат настани, според најавите на неговите социјални мрежи, пренесе Си-Ен-Ен.

Тој рече дека патролите ќе бидат засилени во градот.

– Ако некој сака да оди да положи цвеќе, тоа може сам да го направи – рече Кличко.

Тој потоа ги предупреди граѓаните да внимаваат и да се придржуваат до безбедносните правила кои важат за време на воена состојба.

– Исто така, ве молиме не ги игнорирајте предупредувачките сигнали за воздух и веднаш оддалечете се. Во наредните денови постои голема веројатност за ракетно гранатирање во сите региони на Украина. Бидете свесни и грижете се за сопствената безбедност – предупреди Кличко.

Да потсетиме, претходно се шпекулираше дека во Украина ќе биде воведен полициски час во недела и понеделник, но властите подоцна ја демантираа оваа информација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.