Кинески борбени авиони и воени бродови симулираа напади врз Тајван додека кружеа околу островот за време на вториот ден од воените вежби, започнати како одговор на средбата меѓу претседателката на Тајван Цаи Инг-вен и претседателот на Претставничкиот дом на САД Кевин Мекарти.

Вежбите предизвикаа осуда од Тајпеј и повици за воздржаност од Вашингтон, откаде соопштија дека „внимателно ги следат активностите на Пекинг“.

Тридневната операција, која вклучува вежбовно опколување на Тајван, ќе трае до понеделник. Во извештајот на државната телевизија во неделата се вели дека вежбите „симулирале заеднички прецизни напади врз клучните цели на островот Тајван и околните води“.

Во извештајот се вели дека воздухопловните сили распоредиле десетици авиони за да „летаат во целниот воздушен простор“, а копнените сили спроведоа вежби за „прецизни напади со повеќе цели“.

Во Вашингтон, портпаролот на Стејт департментот рече дека Соединетите држави „постојано повикуваат на воздржаност и одржување на статус кво“, но нагласи дека САД имаат доволно ресурси за да ги исполнат своите безбедносни обврски во Азија.

Вежбите в понеделник ќе вклучуваат пукање со боева муниција кај карпестиот брег на кинеската провинција Фуџијан, околу 80 километри јужно од тајванските острови Мацу и 186 километри од Тајпеј.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.