Кинеската и руската морнарица денеска започнаа заеднички воени вежби во близина на провинцијата Гуангдонг во јужна Кина, неколку дена откако од Самитот на НАТО беа упатени обвинувања кон Пекинг дека е „главниот овозможувач“ на руската војна во Украина, што кинеската страна остро го негираше, пенесува Бета.

Кинеското Министерство за одбрана во кусото соопштение наведува дека заедничките поморски сили патролирале во западниот и северниот дел на Тихи Океан и дека операцијата нема никаква врска со какви било меѓународни и регионални ситуации и дека не е насочена кон ниту една трета страна.

Вежбата, која започна денеска и ќе трае до средината на јули, има за цел да ги демонстрира способностите на морнарицата во справувањето со безбедносните закани и одржувањето на мирот и стабилноста на глобално и регионално ниво, објави во саботата државната телевизија CCTV, додавајќи дека таа исто така ќе вклучи противракетни вежби и противвоздушна одбрана.

Новинската агенција Синхуа објави дека кинеските и руските поморски сили спровеле воена симулација на мапа и вежби за тактичка координација по церемонијата на отворање во градот Жанџијанг.

Заедничките вежби уследија по обновените тензии меѓу Кина и НАТО минатата недела.

Во завршната изјава од Самитот на НАТО во Вашингтон јасно беше ставено стави до знаење дека Кина станува фокус на воената алијанса, нарекувајќи го Пекинг „главниот овозможувач“ на руската војна против Украина. Партнерите на НАТО во Индо-Пацификот ја споделуваат загриженоста за заканите по безбедноста што доаѓаат од Русија и нејзините азиски сојузници, пред сè Кина.

Како одговор, Кина му порача на НАТО да не создава хаос во Азија и беше објавено дека „т.н. безбедност“ на НАТО доаѓа по цена на безбедноста на другите земји“. Пекинг го повика НАТО „да престане да се меша во внатрешната политика на Кина и да го валка нејзиниот имиџ, и да не создава хаос во азиско-пацифичкиот регион по создавањето немири во Европа“, изјави портпаролот на Министерството за одбрана, Лин Џијан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.