Кина ги критикуваше активностите на Западот во украинската криза и порача дека доставувањето офанзивно оружје за Украина само ќе го продолжи и ескалира конфликтот, како и дека последиците од воведените санкции кон Москва најмногу ги чувствуваат земјите кои не се страни во конфликтот.

Постојаниот претставник на Кина во Обединетите нации, Џанг Џун, истакна дека изгледите за продолжен конфликт во Украина се „загрижувачки“ и ги повика страните да вложат напори за негово прекинување.

Во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН, Џанг ги повика Русија и Украина да се одлучат за дијалог и преговори и континуирано да работат на намалување на разликите, за да се исполнат условите за прекин на огнот, пишува британскиот весник.

Сите страни во конфликтот во Украина треба строго да се придржуваат до меѓународното хуманитарно право и да направат се што можат за да ја олеснат евакуацијата и хуманитарната помош за цивилите – изјави постојаниот кинески претставник во ОН на состанокот на Советот за безбедност за хуманитарната ситуација во Украина.

Кинескиот амбасадор ги критикуваше и западните лидери во врска со испораката на оружје за Украина и актуелните санкции против Русија.

Продолжувањето со испраќање повеќе офанзивно оружје нема да донесе мир. Тоа само ќе го продолжи и ескалира конфликтот и дополнително ќе ја влоши хуманитарната катастрофа – нагласи Џанг.

За санкциите што западните земји и ги воведоа на Москва, тој изјави дека земјите во развој „го носат најголемиот товар“.

Треба да обрнеме внимание и да го елиминираме негативното влијание на санкциите. Сеопфатните и неограничени санкции имаат сериозни последици, при што најголемиот дел го носат земјите во развој. Огромен број земји во развој кои не се дел од конфликтот плаќаат висока цена за ова.Тоа не фер ниту разумно – изјави кинескиот дипломат, пренесува „Гардијан“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.