Русија погоди неколку цивилни области во Украина во нов бран напади со беспилотни летала и ракети. Регистрирани се смртни случаи, како и оштетување на инфраструктурата, соопштија денеска украински воени и регионални претставници, пренесува Радио Слободна Европа.
Осум цивилни области во регионите Доњецк, Херсон, Берислав, Суми и Одеса биле цел на најновата серија руски напади со беспилотни летала и проектили, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи.
Во Доњецк е погоден инфраструктурен објект и избувна пожар, напиша министерот за внатрешни работи Ихор Клименко на Телеграм, без да даде детали за целта и нејзината локација. Пожарот бил изгаснат од пожарникари на итната помош, рече Клименко.
Тој рече и дека во Херсон и Берислав 14 проектили ги погодиле селата Тјагинка, Приднипровска и Микилска, при што едно лице е рането.
Јужните одбранбени сили на Украина известија дека девет руски беспилотни летала, кои се обиделе да ја нападнат инфраструктурата во црноморското пристаниште Одеса, биле соборени рано изутринава. Остатоците од еден од соборените дронови оштетиле зграда на магацин и предизвикале пожар кој брзо бил изгаснат, соопшти војската, додавајќи дека засега нема информации за жртви.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека вкупно 14 дронови за напад, вклучувајќи 13 ирански беспилотни летала Шахед и една крстосувачка ракета Кх-59, биле уништени над Украина во текот на ноќта.
Во источниот регион на Доњецк, тројца цивили загинаа во изминатите 24 часа, изјави денеска регионалниот гувернер Ихор Мороз.
Шестмина поштенски работници се убиени, а 17 се ранети во руски ракетен напад врз поштата во североисточниот регион Харков.
Претседателот Володимир Зеленски рече дека Украина ќе одговори на овие руски напади. – Дефинитивно ќе одговориме на секоја манифестација на руски терор. И на овој напад, рече Зеленски.
Додека Русија продолжува со воздушни и артилериски напади врз различни украински региони, најтешките борби се водат во источен Доњецк, каде руските сили започнуваат офанзива на Авдијивка, на само 15 километри северно од градот Доњецк, најголемиот град под руска окупација, пренесува РСЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.