Меѓу две европски земји ќе „никне“ тунел. Данска и Германија ќе бидат поврзани со најголемиот подморски тунел во светот. Тој треба да биде готов во 2029 година. Преминот ќе се состои од делови од тунелот кои ќе бидат потопени во Балтичкото Море. Врската меѓу германскиот остров Фемарн и данскиот Лоланд ќе биде најдолгиот комбиниран патен и железнички тунел во светот.

Поминувањето низ тунелот ќе трае 7 минути со воз и 10 минути со автомобил. Тунелот Fehmarnbelt ќе биде долг 18 километри и ќе го скрати патувањето меѓу двете држави за 130 километри.

Овие два острови сега се поврзани со траект или обиколен пат. Кога ќе заврши тунелот, патувањето со воз од Копенхаген до Хамбург ќе трае два и пол часа. Сега се патува четири и пол часа.

На изградба на тунелот ќе работат околу 3.000 луѓе. Буџетот за проектот е околу 7 милијарди евра. За делови од тунелот е потребно количество челик што одговара на количината неопходна за изградба на педесет Ајфелови кули, пишува Travel+Leisure.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.