Посредувањето за постигнување примирје во војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас во Појасот Газа продолжува и покрај постојаните израелски напади кои ја „намалуваат можноста“ за позитивен резултат, изјави денеска катарскиот премиер.

– Нашите напори, кои државата Катар ги вложува заедно со своите партнери, продолжуваат. Ние не се откажуваме од нив, посочи Мохамед бин Абделрахман ал Тани на Форум во Доха.

Тој потенцираше дека „продолжувањето на бомбардирањето ги намалува можностите“.

Војната започна по ненадејните напади на палестинските екстремисти, предводени од Хамас, на 7 октомври на југот на Израел, во кои беа убиени повеќе од 1.200 луѓе, главно цивили, а беа земени околу 240 заложници. Израелската војска соопшти дека 137 заложници се уште се држат во Газа.

Потоа Израел почна одмазнички напади и според податоците на Министерството за здравство во Газа, бројот на загинати од почетокот на војната надмина 17.700, каде најголем број се жени и деца.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.