Катар објави дека континуираното израелско бомбардирање на Појасот Газа ги попречува напорите за ослободување на израелските затвореници, јавува Анадолија.

Според катарската новинска агенција QNA, катарскиот премиер и министер за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани телефонски разговарал со американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Ал Тани истакна дека Катар продолжува со посредничките напори за ослободување на израелските заробеници.

– Израелските напади само ја влошуваат хуманитарната катастрофа во Газа и ги поткопуваат напорите за ослободување на заробениците, рече катарскиот премиер.

Тој истакна дека е неопходно да се работи на регионално и меѓународно ниво за трајно отворање на граничниот премин Рафа со цел да се спречи прекинот на испораката на хуманитарна помош за Газа.

Ал Тани особено ја истакна важноста на заедничките регионални и меѓународни дипломатски напори за постигнување итен прекин на огнот.

Според Израел, во Појасот Газа има најмалку 240 израелски заробеници, киднапирани од страна на Хамас на 7 октомври. Во терористичкиот напад на Хамас во Израел беа убиени и 1200 луѓе, главно цивили. Овој напад го натера Израел да почне жестоко бомбардирање на Појасот Газа, при што се убиени најмалку 11.078 Палестинци, меѓу кои 4.506 деца и 3.027 жени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.