Кандидатурата на Шведска за членство во НАТО и официјално е ставена на агендата на турскиот Парламент, јави државната телевизија ТРТ-Хабер.

Денеска се очекува да се гласа за кандидатурата.

Собраниската седница е закажана за 15:00 часот локално време (13:00 по македонско време).

Првично на дневен ред на парламентот беа ставени повеќе внатрешни прeдлог-закони, но синоќа беше најавено дека ќе се гласа за протоколот, кој на крајот на декември беше одобрен од Комисијата за надворешни работи на турскиот Парламент. Сега тоа треба да го изгласа целиот парламент. Просто мнозинство од пратениците во парламентот од 600 места е доволно за документот да биде одобрен.

Одлуката на Парламентот ќе стапи во сила откако турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ќе го потпише соодветниот указ. Можно е тоа да се случи уште денеска.

Турција, која е членка на НАТО, го повлече својот приговор за влез на Шведска во Алијансата во јули, но оттогаш процесот на ратификација во Парламентот е закочен. Анкара го обвинува Стокхолм дека недоволно сериозно ги сфаќа турските безбедносни грижи, вклучително и борбата против курдските борци и другите групи кои Турција ги смета за закана за нејзината безбедност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.