Канада ќе исплати 40 милијарди канадски долари (28 милијарди евра) отштета за домородните деца кои биле насила одземени од нивните семејства и ставени во системот на социјална помош.

Договорот прредвидува 20 милијарди канадски долари (еден канадски долар чини 42,8 денари) за потенцијално стотиците илјади домородни деца кои биле одземени од семејства и немале пристап или имале проблеми да пристапат до јавните услуги.

Дополнителни 20 милијарди канадски долари се наменети за реформи за социјалната заштита во следните пет години.

Договорот за компензација е постигнат речиси 15 години откако Здружението на канадски староседелци поднесе тужба поради кршење на човековите права.

Канада призна дека нејзиниот систем е дискриминаторски, но постојано одбива да плати компензација и да ги финансира реформите.

Ова е најголем финансиски договор од ваков вид во канадската историја, а конечниот договор мора да биде финализиран до 31 март оваа година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.