Словачкиот премиер Роберт Фицо повторно е опериран, а неговата состојба се уште е сериозна, изјави денеска на прес-конференција словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак.
Фицо денеска повторно беше опериран. Неговата состојба се уште е сериозна, но премиерот е свесен. Словачката влада функционира нормално, рече Калињак, пренесува ТА3.
Директорката на Универзитетската болница „Рузвелт“ во Бањска Бистрица, Миријам Лапуникова, изјави дека Фицо се уште е на Одделението за интензивна нега, додавајќи дека лекарите му го извадиле мртвото ткиво на премиерот.
Словачката влада денеска соопшти дека по обидот за атентат врз премиерот Фицо во медиумите се појавија многу неточни и погрешни информации, па дури и по вчерашната прес-конференција на членовите на владата и безбедносните сили.
Во оваа насока, владиниот кабинет уште еднаш побара од медиумите, политичарите и јавноста да го засноваат своето мислење врз основа на официјално објавените информации и да ги проверат фактите, се наведува во соопштението на Владата.
Новоизбраниот словачки претседател Петер Пелегрини претходно денеска изјави дека лекарскиот козилиум на болницата „Рузвелт“ најверојатно ќе се состане в понеделник, кога треба да одлучи за натамошната постапка и лекување на премиерот.
Фицо беше тешко повреден во средата, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина испука во него неколку истрели од пиштол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.