Израелската авијација и синоќа, втора вечер по ред, ги нападна предградијата на сирискиот главен град Дамаск, јави сириската државна агенција САНА.

-Експлозии се слушаат над Дамаск втора ноќ по ред, изјавуваат жители на сирискиот главен град, јави САНА, но не соопштува дали има жртви во нападите.

На нападите на израелската авијација одговорила сириската противвоздушна одбрана и притоа биле пресретнати и соборени некои израелски ракети.

Сирискиот Центар за мониторинг на човековите права, со седиште во Велика Британија, опозициска организација која ја следи граѓанската војна во Сирија, соопшти дека биле погодени складишта за оружје на владините сили и организациите поддржани од Иран, јужно од Дамаск.

Израел многу пати досега напаѓаше цели во сириските области контролирани од владата во Дамаск, вклучувајќи и напади на аеродромите во главниот град и во Алепо, но ретко ја презема одговорноста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.