Војската на Израел соопшти дека открила повеќе делови од, како што тврди, тунелниот систем на Хамас под болницата „Ал Шифа“ во Газа. Израелските одбранбени сили (ИДФ) доцна синоќа објавија видео снимки и слики на кои се прикажани дополнителни влезови во тунелите, како и подземни простории и засолништа.

ИДф се сомнева дека под најголемата болница во Појасот Газа се наоѓа команден центар на Хамас, кој се протега до зградите во близина на „Ал Шифа“.

Пред неколку дена, за време на својата контроверзна операција во болницата, израелската армија откри шахта за која вели дека води до дел од тунелот кој по 55 метри води до врата „отпорна од експлозија“. Како што сега соопшти армијата, зад таа врата има климатизирана просторија и бања и слично.

Портпаролот на ИДФ, Даниел Хагари изјави дека резултатите од истрагата во тунелите се доказ за операциите на Хамас под болниците.

Болницата намерно била користена како складиште за оружје и команден центар на Хамас, рече тој.

Хамас го негира ова. Не беше можно самостојно да се проверат информациите, наведува агенцијата ДПА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.