Израелските одбранбени сили (ИД) утринава известија дека погодиле неколку цели во Сирија, откако биле истрелани ракети кон Израел, јави ДПА.

По ракетниот истрел на израелска територија во раните утрински часови денеска, израелската војска соопшти дека нејзината артилерија ја напаѓа Сирија, објави Ројтерс.

Агенцијата истакна дека проектилите следеле по три други проектили истрелани од сириска територија претходно во текот на ноќта, но ниту еден од нив не предизвикал штета.

Израелските одбранбени сили соопштија дека вкупно шест ракети биле истрелани кон Голанската висорамнина. Ова дополнително ја зголемува тензијата по избувнувањето на насилството во регионот, додава ДПА.

Според ИД, имало два ракетни напади. Во вториот напад две ракети „влегле на израелска територија“ и една ракета била пресретната. Претходно беа истрелани три ракети, од кои едната падна во јужниот дел на Голанската висорамнина. Нема информации за жртви.

Како одговор на нападите, ИД соопшти дека биле погодени лансери во Сирија од кои биле истрелани проектилите, како и база на сириската армија, воени радарски системи и артилериски пунктови. Израелската војска „ја смета државата Сирија одговорна за сите активности што се случуваат на нејзина територија и нема да дозволи каков било обид за нарушување на израелскиот суверенитет“, се вели во соопштението на ИД.

Експлозии се слушнале и во околината на сириската престолнина Дамаск, јавија рано утринава сириските државни медиуми, пренесе Ројтерс. Сириското Министерство за одбрана соопшти дека нејзината воздушна одбрана одговорила на израелските напади и пресретнала неколку израелски ракети. Се додава дека нема информации за жртви, само материјална штета предизвикана од ударите.

Голанската висорамнина е стратешки важна карпеста област долга околу 60 километри и широка околу 25 километри. Платото беше окупирано од Израел за време на Шестдневната војна во 1967 година и анектирана во 1981 година.

Меѓународната заедница смета дека оваа област е сириска територија окупирана од Израел.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп официјално ја призна Голанската Висорамнина како израелска територија во март 2019 година, означувајќи пресврт во американската надворешна политика дотогаш.

Израелските воздухопловни сили редовно бомбардираат цели во соседна Сирија за да ги спречат проиранските милиции да го прошират своето воено влијание во земјата разурната од војна.

Ракетните напади се случуваат на позадината на високите тензии во овој регион, откако во последните денови беа истрелани ракети од Појасот Газа и Либан кон Израел, кои брзо започнаа контранапади, потсетува ДПА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.