Израел вчера постави нов дневен рекорд од 65.259 нови инфекции, а во исто време се водеше сериозна дискусија за укинување на ковид-потврдите. Против ковид-потврдите, кои во Израел се наречени зелени пропусници, се изјасни израелскиот министер за финансии Авигдор Либерман, пренесува Џерусалем пост.

Либерман вчера ѝ се обрати на јавноста заедно со премиерот Нафтали Бенет и министерот за здравство Ницан Хоровиц, велејќи дека повеќе од 25 милиони домашни брзи антигенски тестови ќе бидат дистрибуирани до Израелците. Тој потоа на Твитер напиша за ковид-потврдите.

Нема медицинска ниту епидемиолошка логика во зелените пропусници, како што заклучуваат многу експерти. Она што постои е директна штета на економијата, на секојдневното функционирање и, дополнително, значително придонесува во јавната паника. Работам со сите засегнати страни за да ги елиминираме зелените пропусници и да ја одржиме нормалната рутина, за сите нас, напиша тој.

Под режимот на зелената пропусница, која во моментов сѐ уште е во сила во Израел, само луѓето што биле вакцинирани, прележани или тестирани претходниот ден (во последните 72 часа во исклучителни случаи) имаат пристап до некои активности и објекти, а во некои случаи и на работното место.

Со ширењето на омикрон, нагло се зголеми бројот на заразените, иако биле вакцинирани или веќе заразени со вирусот.

Здравствените службеници и експерти, вклучително и генералниот директор на Министерството за здравство, Нахман Еш, рекоа дека вакцинацијата и прележувањето продолжуваат да нудат одреден степен заштита и дека системот за ковид-сертификати треба да се одржува. Сепак, тие исто така признаа дека во одреден момент прашањето можеби ќе треба да се преиспита.

Доколку се укине зелената пропусница, тоа би било една од најдраматичните промени во начинот на кој земјата се бори со пандемијата.

Претходно истиот ден, Еш рече дека Израел сè уште го нема врвот на бранот омикрон.

Верувам дека врвот ќе дојде за една недела или повеќе. Сепак, гледаме и дека бројот на хоспитализираните сè уште расте, но растот забавува“, рече тој.

Сириле Коен, еден од советниците на израелската влада за вакцинација и шеф на одделот за имунологија на Универзитетот Бар Илан, вчера изјави дека зелените пропусници станале „неважни“ во времето на доминацијата на омикрон и дека очекува тие наскоро да бидат укинати.

Кога станува збор за омикрон, практично не гледаме никаква разлика помеѓу вакцинираните и невакцинираните, и тие и тие може да бидат заразени горе-долу подеднакво.

Треба да разберете дека зелените пропусници, а тоа не е тајна, не се неопходни само за да се спречи преносот на вирусот. Тие постојат и за да ги охрабрат луѓето да се вакцинираат. И не би сакал да зборувам за политичките аспекти на зелените пропусници, но тоа е реалност, рече Коен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.