Во Италија стапува во сила владината одлука за укинување на задолжителното носење заштитни маски на отворено, но според новото правило луѓето надвор ќе треба да ги покриваат носот и устата само кога има метеж. Додека, пак, употребата на маски сè уште е задолжителна во затворени простории и во јавниот превоз, пренесува Н1.

Правилото за употреба на маски во Италија досега се применуваше и на отворено и на затворено, без разлика на епидемиолошката состојба со коронавирусот.

Од денеска и диско-клубовите во Италија ќе почнат со работа, а за влез ќе биде потребен ковид-сертификат.

На туристите што пристигнуваат во Италија од земјите на Европската Унија им треба негативен тест за коронавирус, потврда за вакцинација или доказ за прележан ковид-19 за да влезат во земјата, а потребен е и доказ за влез во музеи, ресторани и јавен превоз.

Во Италија сè уште е во сила вонредната состојба која истекува на 31 март, а засега нема индикации дека владата во Рим ќе ја продолжи. Во меѓувреме, владата донесе регулатива со која се бара лицата постари од 50 години да се вакцинираат против коронавирус до средината на јуни оваа година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.