Италија, Франција и Германија побараа од Европската Унија да воведе санкции против Хамас и неговите поддржувачи, напишаа тројцата министри за надворешни работи до шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

„Го поддржуваме предлогот за воведување ад хок санкции против Хамас и неговите поддржувачи“, се вели во писмото.

„Брзото усвојување на санкцијата ќе ни овозможи да испратиме силна политичка порака дека ЕУ е против Хамас и е солидарна со Израел“, велат министрите.

Тие нагласуваат дека е важно ЕУ да ги преземе „сите неопходни мерки против терористичката група Хамас и нејзините поддржувачи“.

„Ова подразбира посилна европска посветеност и на борбата против инфраструктурата и финансиската поддршка на Хамас, како и на меѓународната изолација и делегитимизација на Хамас, што на ниту еден начин не ги претставува Палестинците или нивните легитимни аспирации“, се вели во писмото .

Хамас веќе е наведен како терористичка организација од Европската Унија, што значи дека сите средства или имоти што ги има во ЕУ треба да се замрзнат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.