Преговарачите на Советот на Европската Унија и Европскиот парламент синоќа постигнаа договор за закон со кој се предвидува крај на продажбата на нови возила со мотор со внатрешно согорување од 2035 година. Тој закон практично ќе ја забрани продажбата на нови автомобили и комбиња на бензин или дизел во 27-члениот блок на ЕУ.

Забраната е дел од пакетот на ЕУ за климатски промени наречен „Fit for 55“, кој има за цел да ги намали емисиите штетни за климата за 55 проценти до 2030 година, во споредба со нивоата од 1990 година, и да постигне климатска неутралност до 2050 година.

„Само што ги завршивме преговорите за нивоата на ЦO2 за автомобилите. Историска одлука на ЕУ за климата која дефинитивно ја потврдува целта, возила со 100 отсто нулта емисија во 2035 година со меѓуфази помеѓу 2025 и 2030 година“,

напиша на Твитер францускиот европратеник Паскал Канфин, кој го предводи Комитетот за животна средина на Европскиот парламент.
Автомобилите во моментов сочинуваат 12 отсто од сите емисии на ЦO2 во блокот на ЕУ, додека вкупниот сообраќај изнесува околу една четвртина. Земјите-членки на ЕУ сега мора да ја усвојат регулативата во националното законодавство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.