Стапката на инфлација во Германија,  во мај продолжи да расте со 7,9 отсто повисоки цени во споредба со истиот период минатата година. Како што соопшти Федералниот завод за статистика во Визбаден, тоа е највисоко забележано зголемување на цените во Германија од нафтената криза во 1970-тите години.

Стапката од 7,9 отсто е повисока од проценките на водечките економисти кои очекуваа стапка на инфлација од 7,6 отсто за мај.

Од почетокот на војната во Украина, особено цените на енергијата значително се зголемија, што се одрази на високата стапка на инфлација – се вели во соопштението на Федералното биро за статистика.

Според последните статистички податоци, најмногу, за 38,3 отсто, поскапеле енергенсите, а прехранбените производи за 11,1 отсто.

Инфлацијата се должи и на прекини во синџирот на снабдување како резултат на нарушувања за време на корона кризатаи недостиг на персонал во логистичката индустрија.

Министерот за финансии, Кристијан Линднер, изјави дека „инфлацијата треба да се потисне“ и најави враќање на строгите мерки за штедење и нула долг веќе од следната година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.