Инфлацијата во Германија во март достигна рекордни 7,3 отсто, што е највисоко ниво од обединувањето, според првата проценка на заводот за статистика, а владините економски советници предупредија на „значителен“ ризик од рецесија поради руската инвазија на Украина.
Во февруари потрошувачките цени се зголемија на 5,1 отсто на годишно ниво.
Хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP), кој ги олеснува споредбите меѓу земјите од ЕУ, покажува пораст на цените за 7,6 отсто.
Месечните движења на цените покажуваат силно забрзување на растот во март, на 2,5 отсто во однос на февруари кога се зголемени за 0,9 отсто.
Цените на енергијата за домаќинствата и моторните горива скокнаа за 39,5 отсто во март во споредба со истиот месец минатата година, објави „Дестатис“.
Пораснале и цените на храната, за 6,2 отсто во однос на истиот месец лани, покажуваат првите проценки на германските статистичари.
Од нападот на Русија врз Украина, цените на природниот гас и производите од нафта повторно нагло пораснаа и значително влијаеја на високата стапка на инфлација, истакна „Дестатис“ во соопштението за печатот, истакнувајќи дека конечните бројки ќе бидат објавени за две недели.
Министерот за финансии Кристијан Линднер рече дека податоците за инфлацијата и мрачните економски прогнози се „сериозни предупредувачки сигнали“ за најголемата европска економија.
Затоа, главен приоритет е стабилизирање на растот и борба против натамошното зголемување на цените, рече министерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.