Зголемените сметки за енергија во домаќинствата и цените на храната, во октомври ја искачија инфлацијата во Велика Британија на нов 41-годишен рекорд, покажуваат податоците, кои се обновени еден ден пред презентацијата на министерот за финансии Џереми Хант за зголемување на даноците и намалување на јавните трошоци за да се запре инфлацијата.

Потрошувачките цени во Велика Британија минатиот месец се зголемија за 11,1 отсто на годишно ниво, што е највисокото ниво од октомври 1981 година, значително отскокнувајќи од септемвриските 10,1 отсто, соопшти британската Канцеларија за национална статистика (ОНС).

ОНС во соопштението наведува дека инфлацијата би достигнала околу 13,8 отсто во октомври доколку владата не интервенирала со ограничување на цените на енергијата за домаќинствата во просек на 2.500 фунти (2.960,25 долари) годишно.

Цените на храната и безалкохолните пијалаци пораснаа со најбрзо темпо од 1977 година, најсилно погодувајќи ги оние со најниски примања, соопшти ОНС.

Коментирајќи ги податоците, Хант, кој утре треба да го претстави новиот буџет, порача дека се потребни „тешки, но неопходни“ одлуки за владата да се справи со растечките цени.

Наша должност е да и помогнеме на Банката на Англија во нејзината мисија да ја врати инфлацијата на целното ниво, постапувајќи одговорно со државните финансии, вели Хант во соопштение.

ОНС констатира дека домаќинствата со ниски приходи се соочуваат со поголем удар од инфлацијата отколку најбогатите граѓани бидејќи трошоците за енергија и храна заземаат поголем дел од нивниот приход.

Домаќинствата со најниски примања, како што се наведува, претрпеле стапка на инфлација од 11,9 отсто, додека оние со највисоки приходи се соочиле со стапка од 10,5 отсто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.