Илјадници демонстранти во Израел излегоа на улиците овој викенд барајќи владата да направи повеќе за да обезбеди ослободување на заложниците киднапирани од милитантната палестинска организација Хамас, јави ДПА.

Митингот на заложничките семејства во крајбрежната метропола Тел Авив се одржа вчера под слоганот „120 дена под земја“ во однос на бројот на денови во кои се задржани над 130 заложници.

На други демонстрации во Тел Авив, учесниците побараа оставка од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и предвремени избори.

Нетанјаху ја предводи коалициската влада на екстремно десничарски и ултра-религиозни партии, потсетува ДПА. Лидерите на политичките сили во неговиот кабинет се заканија дека ќе ја распаднат владејачката коалиција доколку Нетанјаху направи отстапки на Хамас.

Околу илјада демонстранти се собраа и во Ерусалим. Протести имаше и во Хаифа, Бершеба и пред приватниот дом на Нетанјаху во Цезареја.

САД, Египет и Катар во моментов работат на посредување за нов договор меѓу Израел и Хамас за ослободување на заложниците. Има информации дека израелските преговарачи го прифатиле предлогот кој предвидува постепено ослободување на затворениците во замена за подолгорочен прекин на огнот и ослободување на палестинските затвореници, забележа ДПА. Сега се чека ставот на „Хамас“ за предметниот предлог.

Израелската армија се бори со Хамас во Појасот Газа од 7 октомври, кога исламистичката група започна крвав напад врз јужен Израел во кој загинаа околу 1.200 луѓе и киднапираа речиси 250.

Здравствените власти во енклавата контролирани од Хамас соопштија дека од почетокот на војната се убиени најмалку 27.238 Палестинци, а 66.452 се ранети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.