Европската комисија упати формално барање за истрага до платформата Икс (Х) врз основа на добиените индиции дека преку оваа социјална мрежа се шират дезинформации, терористички и насилни содржини и говор на омраза.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, барањето е поднесено согласно Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), врз основа на кој Икс, поранешен Твитер, доби статус на „многу голема онлајн платформа“, што го обврзува да се справува со „негативните ефекти врз основните човекови права, правата на детето, јавната безбедност и менталната благосостојба“.

Во конкретниот случај, ЕК ќе ја истражува усогласеноста на Икс со Законот за дигитални услуги во однос на неговите политики и практики поврзани со известувањата за нелегални содржини, постапувањето по жалби, птароценката на ризик и за мерки за ублажување на идентификуваните ризици.

Согласно процедурата, Икс ќе треба најдоцна до среда (18 октомври) на Еврокомисијата да и достави одговори на побараните информации поврзани со практиките на активирање и функционирање на протоколот за итни реакции на платформата, а до крајот на месецот (31 октомври) и на останатите барања.

Врз основа на добиените одговори, ЕК може да ја прекине постапката или да започне детална истрага за индициите согласно членот 66 од ДСА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.