При изборот на Урсула фон дер Лајен за претседателка на Европската комисија во јули 2019 година клучна беше поддршката на 14-те европратениците од италијанското „Движење Пет ѕвезди“, благодарение на кои Фон дер Лајен доби 383 гласа или девет повеќе од неопходните 374, додека против нејзиниот избор гласаа 327 пратеници.
Иако Фон дер Лајен се уште официјално не потврдила дека има амбиции за втор мандат на сегашната функција, за нејзиниот евентуален реизбор клучна улога одново би можела да одигра Италија, и тоа овој пат, нејзината премиерка Џорџа Мелони, која за возврат најверојатно би барала една од клучните позиции во ЕУ за нејзината политичка групација Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).
Според професорот од италијанската Национална академија „Линчеи“, Џанфранко Паскино, Мелони не би ја чинело ништо доколку ја поддржи Фон дер Лајен, а за возврат би можела да ги зајакне својата позиција и влијание во ЕУ.
Дополнително, ако сака да ја оствари своја цел следниот италијански еврокомесар да биде од редовите на нејзината партија „Браќата на Италија“ (ФДИ) и да биде прифатен од идниот претседател на ЕК, би било пожелно Мелони да го поддржи неговиот или нејзиниот избор во Европскиот парламент.
Доколку се остварат прогнозите за резултатите на јунските европски избори, Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) би можеле да бидат четврта по бројност политичка групација во Европарламентот, пред либералите. Во такви услови, ЕЦР би можела да бара за себе една од водечките функции во ЕУ, кои досега традиционално се делеа меѓу трите водечки групации, Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералите.
Во моментов ЕПП држи две функции – претседателките на Европската комисија и на Европарламентот (Фон дер Лајен и Роберта Мецола), СД – високиот претставник на ЕК за надворешна политика и безбедност (Жосеп Борел), а либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) – претседателот на Советот на ЕУ (Шарл Мишел).
Чешкиот европратеник Јан Захрадил од „Граѓанската демократска партија“ (ОДС), која е членка на ЕЦР, неодамна за „Еурактив“ изјави дека по изборите Италија би можела да добие една од водечките функции во ЕУ.
Според Захрадил, кој беше и „шпиценкандидат“ на ЕЦР на изборите во 2019 година, доколку се појави таква можност, ОДС би требало да ја поддржи ФДИ на Мелони во добивањето на таа позиција.
Ваквата можност ја потврди и советникот на чешкиот премиер и лидер на ОДС, Петр Фиала, Вацлав Смолка, кој изјави дека веќе се разговара за идните позиции во институциите на ЕУ.
Ако сакаме да протуркаме нешто, мораме тоа да го направиме дискретно. Токму така сега преговараме со клучните играчи, изјави Смолка.
На зајакната позиција на Малони во ЕУ укажуваат и информациите дека таа имала клучна улога во „разубедувањето“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан да се согласи на финансиската поддршка на Унијата за Украина за време на Европскиот совет на почетокот на месецов. Според дипломатски извори, Мелони била клучниот посредник во убедувањето на Орбан ноќта пред Самиот на ЕУ.
Дополнително, таа се наметна и како стратешки играч во спроведувањето на Планот на ЕУ за ограничување на миграцијата преку партнерства со трети земји во Медитеранот, а ја ублажи и својата антиевропска реторика со изјава од типот дека ЕУ треба да има позначајна улога во справувањето со „големите прашања“ со кои земјите членки не можат да се справат сами.
Во прилог на можната поддршка на Мелони за Фон дер Лајен одат и нивните зачестени средби во последните месеци на кои прегратките и насмевките пред објективите на камерите и фотоапаратите не останаа незабележани во јавноста. Фон дер Лајен и Мелони минатиот викенд присуствува на Самитот Италија-Африка, пред тоа во два наврати заедно ги посетија поплавените области во италијанскиот регион Емилија-Ромања, лани во септември во екот на напливот на мигранти тие допатуваа на островот Лампедуза, а претходно во јули заедно со холандскиот премиер Марк Руте отпатуваа во Тунис.
Европратеник на ФДИ, кој побарал анонимност, во изјава за „Еурактив“ тврди дека Мелони најверојатно ќе го поддржи евентуалниот реизбор на Фон дер Лајен, но засега е неизвесно дали ЕЦР ќе стане дел од мнозинството во ЕУ, имајќи предвид дека италијанската премиерка „не сака да прави договори со социјалистите“. Според него, ФДИ се надева дека по евроизборите ќе дојде до промена на рамнотежата на силите во Европарламентот и ќе се формира ново мнозинство на ЕПП, ЕЦР и либералите.
Сепак според професорот Паскино, доколку сака да го одржи и зајакне своето влијание во ЕУ, Мелони ќе мора да се дистанцира од нејзиниот коалициски партнер во италијанската Влада, Матео Салвини, кој отворено флертува со европската екстремна десница. Впрочем и неговата партија „Лига“ е членка на семејството на десничарската групација „Идентитет и демократија“ (ИД), предводена од францускиот „Национален собир“ (РН) на Марин ле Пен.
Сметките на Мелони би можела да ги побрка и втората голема партија во ЕЦР покрај ФДИ, полската „Право и правда“ (ПиС), која до неодамна беше на власт во Полска и за време на чие владеење земјата се најде под критики и санкции на Еврокомисијата поради непочитување на принципите на владеењето на правото и на независноста на судството.
Радослав Фогиел од ПиС изјави дека тие не се задоволни од актуелната претседателка на ЕК, како и дека за „темата фон дер Лајен не се дискутира во партијата“.
Нејзините постапки многу често беа политички, таа многупати се мешаше во полските работи, поддржувајќи го таборот на (актуелниот полски премиер) Доналд Туск, вели Фогиел, нагласувајќи дека Фон дер Лајен ја „издала“ Варшава со замрзнувањето на исплатите на средства од фондовите на ЕУ.
Според аналитичарите, доколку ПиС остане на ваквиот став, а Мелони „премногу отворено“ ја поддржи Фон дер Лајен, тоа би можело да доведе и до поделба на ЕЦР.
Дополнителен проблем за италијанската премиерка може да биде и реализацијата на најавата на Орбан дека по изборите за Европскиот парламент во јуни неговата „Фидес“ – Унгарска граѓанска алијанса ќе се приклучи на ЕЦР. „Фидес“ до март 2021 година беше членка на ЕПП, од која беше суспендирана поради непочитување на принципите на владеењето на правото, човековите права и слободата на медиумите.
Ова би можело, исто така, да биде причина за поделби во ЕЦР, бидејќи чешката ОДС јавно се спротивстави на пристапување на „Фидес“ во групата, додека ПиС ја поддржи ваквата идеја. Мелони и нејзината ФДИ засега не се изјаснија дали се за можно приклучување на „Фидес“ кон ЕЦР. Копретседателот на ЕЦР и европратеник од редовите на ФДИ, Никола Прокачини во коментар на ваквата можност изјави дека „Фидес“ никогаш не аплицирала за членство во групацијата.
Морам да кажам дека ние добро соработуваме со пратениците на Фидес, но мислам дека за тоа ќе се разговара по изборите. До сега нема официјално барање (од Фидес) за приклучување, изјави Прокачини.
Аналитичари во Рим оценуваат и дека „пријателските врски“ меѓу Мелони и Фон дер Лајен ќе се најдат на тест како ќе се приближуваат европските извори, бидејќи се очекува предизборната јавна реторика на италијанската премиерка да станува се поагресивна и поблиска до ставовите на десничарските популисти, што би довело до оддалечување меѓу ЕПП и ЕЦР.
Кон заладувањето на односите меѓу двете групации може да придонесе и пристапувањето на францускиот европратеник Никола Бе кон ЕЦР. Бе е член на партијата „Повторно освојување“ (Р!) на Ерик Земур, која важи за поекстремна од РН на Ле Пен. Носител на изборната листата на Р! на евроизборите во Франција ќе биде внуката на Марин Ле Пен, Марион Марешал Ле Пен, која е сопруга на европратеникот од редовите на ФДИ, Винченцо Софо.
Групата ЕЦР е нашето природно семејство за да се справиме со илегалната имиграција и да ги браниме идентитетот на Европа, рамнотежа помеѓу екологијата и економските потреби и националниот суверенитет, но и да се бориме против ЛГБТ и разгорената пропаганда, изјави Марешал Ле Пен.
Ваквото „проширување“ на ЕЦР се оценува како нејзино скршнување „в десно“, со што групата се оддалечува од десноцентристичките позиции на ЕПП.
Претставници на Европската народна партија (ЕПП) во неколку наврати ја отфрлаа можноста за распад на нивното сегашно „проевропско“ мнозинство во Европарламентот со социјалдемократите и либералите, а партиски извори посочуваат и дека сегашните тенденции за приклучување на антиевропски и десно популистички партии во ЕЦР би ја отежнале секоја форма на идна соработка на ЕПП со Браќата на Италија (ФДИ) на Мелони.
Според последните анкети на јавното мислење, објавени на почетокот на месецов, ЕПП би освоила меѓу 176 и 180 европратеници, пред СД со 138 до 140 и ИД со 91 до 94 мандати. ЕЦР може да се надева на меѓу 80 и 88 мандати, либералната РЕ меѓу 78 и 82, Зелените меѓу 49 и 51, а групата Левица на 42 европратеници. Останатите 54 или 55 места би ги освоиле партии што во моментов не припаѓаат на ниту една политичка групација, меѓу кои и „Фидес“ на Орбан, како и „Насока – Социјална демократија“ (СМЕР-СД) на словачкиот премиер Роберт Фицо и „Глас – Социјална демократија“ (ХЛАС-СД) на претседателот на Парламентот на Словачка, Петер Пелегрини, кои лани во октомври беа суспендирани од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) поради нивото коалицирање на десничарската „Словачка национална партија“ (СНС).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.