САД во вторникот на листата санкционирани Руси, под изговор за војната во Украина, ги додадоа имињата на уште 893 Руси, меѓу кои и поранешната гимнастичарка Алина Кабаева, според западните медиуми наводната партнерка на претседателот Владимир Путин што тој го негираше, и за еден од челниците на еден од најголемите светски произведувачи на челик.
Образложението на американското министерство за финансии е дека Кабаева денес е на чело на руска медиумска групација којашто опфаќа телевизиски и радиокуќи, како и печатени медиуми.
Санкциониран е и еден од најголемите светски производители на челик ММК и мнозински сопственик и претседател на Управниот одбор, Виктор Филипович Рапников, соопшти американското министерство.
Образложението на Вашингтон е дека ММК е „еден од најголемите плаќачи на данок во Русија и голем извор на приходи за руската влада“. На списокот на санкционираните се додадени и две филијали на ММК од кои едната има седиште во Русија а другата во Турција.
Американскиот Стејт департмент во вторникот соопшти дека воведува визни ограничувања за 893 руските функционери, и припадници на војската „поради нивната улога во агресијата врз Украина“.
Санкционирани се и 31 странски функционер од земји коишто Стејт департментот не ги наведува, а коишто ги признаваат двата референдума со кои доминантно руското население на црноморскиот полуостров Крим по превратот во Киев во март 2014 година одлучи да ја врати укинатата во 1990-те автономија и да се врати во составот на Русија од кој е извадена во 1954 година, но Западот тоа го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија.
На листата се и тројца руски деловни луѓе кои Стејт департментот ги обвинува дека „му помагаат“ на Путин. Еден од нив е поранешниот член на руската влада Андреј Гурјев. Под санкции е и јахтата „AlfaNero“, регистрирана на Кајманските острови, којашто наводни Гјурев ја купил за 210 милиони долари во 2014 година.
Стејт департментот воведува и санкции против 24 руски компании од секторот на одбраната и технологиите за „дополнително да ја изолира руската одбранбена и технолошка индустрија и да ја ограничи руската воена машинерија“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен во посебно соопштение.
Вашингтон во вторникот објави и дека спречил избегнување на санкциите на што се обиделе „некои големи финансиски институции“, а меѓу нив е и финансискиот оддел во сопственост на Руската федерална агенција за управување со државни недвижнини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.