Холандскиот премиер Марк Руте и се извини на Индонезија откако студија покажа дека холандската војска употребувала системско насилство, вклучително и врз цивили, за време на војната за независност на Индонезија во периодот 1945-1949 година.

За систематското и широко распространето екстремно насилство на холандската страна во тие години и за постојаното гледање на другата страна на претходните влади, длабоко му се извинувам на народот на Индонезија денес во име на владата, рече Руте денеска во Брисел.

 

Тој нагласи дека владата ја презема целосната одговорност за „колективниот неуспех“.

Воените злосторства во тогашната колонија на Холандија биле премолчени и толерирани од политичкото и военото раководство, според студијата на три холандски истражувачки институти, покажува најсеопфатната студија од ваков вид, пренесува Радио Слободна Европа. Владата во Хаг претходно тврдела дека имало само изолирани напади и дека армијата генерално се однесувала правилно.

Истражувачите заклучиле дека тоа повеќе не е веродостојна позиција бидејќи, според нивните наоди, армијата била подготвена да ги игнорира „пишаните и непишаните норми на правото“ на сите нивоа.

Се проценува дека повеќе од 100.000 Индонезијци и околу 5.000 холандски војници биле убиени во војната.

Индонезија прогласи независност по речиси 350 години колонијално владеење, на крајот на Втората светска војна, по што Холандија испрати војници во Југоисточна Азија.

Извештаите за насилство и масакри се присутни подолго време, но владата нареди истрага дури во 2017 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.