Холандија планира да и стави на располагање една своја фрегата на новата мисија на ЕУ во Црвеното Море за заштита на бродовите од напади на Хутите.

Се уште ја разгледуваме идејата, а ќе разговараме и со Парламентот. Меѓутоа, владата многу позитивно гледа на учеството во новата мисија, изјави холандската министерка за одбрана, Кајса Олонгрен, за холандското радио БНР.

Сепак, според неа, пред да ја донесе конечната одлука за испраќање своја фрегата во Црвеното Море, Холандија ќе сака јасно да го види и придонесот на другите земји членки на ЕУ.

Ако сите во исто време отпловат кон Црвеното Море, тоа нема да биде ефикасно. Треба да се најде одржливо решение, бидејќи конфликтот може да трае подолго, додаде Олонгред.

Најавата на Олонгрен следи откако земјите членки на Унијата начелно дадоа првична поддршка на идејата на високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за создавање посебна европска мисија за заштита на трговските бродови во Црвеното Море од нападите на јеменските Хути.

Холандија со двајца штабни офицери веќе учествува во мисијата во Црвеното Море „Заштитник на просперитетот“, предводена од САД, која почна минатиот месец, а со еден штабен офицер и во американско-британската мисија за напади врз цели на Хутите во Јемен.

Според најавите, новата европска мисија треба да се базира на операцијата за мониторинг во Персискиот Залив, Ормускиот Теснец и во дел од Арапското Море, наречена „Аженор“, со која раководи Франција, а во која учествуваат и Белгија, Германија, Грција, Данска, Италија, Норвешка, Португалија и Холандија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.