Член на палестинската делегација на Хамас која се наоѓа во посета на Русија денеска изјави дека на организацијата и треба време да открие каде се наоѓаат сите заложници киднапирани на 7 октомври во нападот врз Израел.

Официјален претставник на Хамас, именуван како Абу Хамид, денеска за рускиот дневен весник „Комерсант“ изјави дека организацијата секогаш била подготвена да ослободува цивили, но „потребно е време да ги пронајде“.

Тој тврди дека различни организации држат заложници и дека е потребен прекин на огнот за да му се овозможи на Хамас да ги пронајде и ослободи.

Во ослободувањето на заложниците, од кои, според израелската армија, има повеќе од 220, посредуваат Катар и Египет. Досега се ослободени четири жени, две Американки и две Израелки.

Катарскиот амбасадор во САД, Мешал бин Хамад ал Тани разговарал со израелецот Авихаи Бродец, чии три деца се приведени во Газа, јавуваат израелските медиуми.

Бродец, кој демонстрираше пред Министерството за одбрана на Израел во Тел Авив, му се заблагодари на катарскиот амбасадор за неговите напори за ослободување на заложниците.

Тој побара од Ал-Тани да ги продолжи преговорите за да го ослободи неговото семејство и околу триесет други деца киднапирани од екстремистите.

Делегација на претставници на Хамас, предводена од членот на политичкото крило Муса Абу Марзук, вчера допатува во Москва на средба со рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Богданов и притоа разговараше токму за оваа тема -ослободување на заложниците.

Израел излезе со остра реакција за согласноста на Русија да биде домаќин на претставници на Хамас.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.