Севернокорејски хакери украле речиси 400 милиони долари (291 милиони фунти) во дигитални валути, при најмалку седум напади на платформи за криптовалути минатата година, се тврди во извештај.

Компанијата за анализа на блокчејн „Чејанализис“ информира дека ова е една од најуспешните години за кибер-криминалци во затворената источноазиска држава.

Мета на нападите главно биле инвестициски фирми и централизирани берзи.

Cеверна Кореја негира дека е вмешана во хакерски напади.

Од 2020 до 2021 година, бројот на хакерски напади поврзани со Cеверна Кореја скокна од четири на седум, а вредноста извлечена од овие хакери порасна за 40 отсто – се вели во извештајот на „Чејанализис“.

Хакерите користеле голем број техники, вклучувајќи мамки за фишинг, експлоатирање на кодови и малициозен софтвер за да ги симнат средствата од „жешките“ паричници на организациите и потоа да ги пренесат на адреси под контрола на Cеверна Кореја.

Во февруари минатата година, САД обвинија три лица од Cеверна Кореја, компјутерски програмери, за масивно хакерство со цел да украдат над 1.3 милијарди долари, во пари и криптовалути.

Според Министерството за правда, сајбер нападите погодиле компании во ранг од банки до холивудски филмски студија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.