Во својата нова анализа унгарскиот Центар за фундаментални права предупредува дека политичари од Европската Унија се подготвуваат да влијаат врз исходот на изборите во Унгарија кои ќе се одржат во април. Левичарски политичари од Европа и од САД ја користат ЕУ како средство за притисок врз Унгарија во обид да ја симнат конзервативната партија Фидеш од власт, откако премиерот Виктор Орбан во голем број случаи застана во одбрана на унгарскиот суверенитет против обидите да се примат голем број илегални мигранти во Европа и да се наметне волјата на Брисел врз земјите членки.

Според институтот, овие видови на притисок ќе содржат обиди да се скратат финансиските средства што Унгарија треба да ги добие од ЕУ за справување со последиците од епидемијата на корона вирусот, а со цел вештачки да се предизвика економска криза во земјата во пресрет на изборите. „Веќе е јасно дека Унгарија нема да види ни цент од парите за обнова на економијата до изборите“, пишува во анализата. Воедно, се очекува политичари од ЕУ да продолжат да користат меѓународни судски институции, како што е Европскиот суд на правдата, да ја обвинуваат Унгарија за наводно кршење на владеењето на правото.

Според Центарот за фундаментални права од Будимпешта, исходот на изборите во Унгарија, како и исходот на претседателските избори во Франција кои се одржуваат во приближно исто време, ќе ја определи идната траекторија на развој на Европската Унија.

Од овие избори ќе зависи дали ќе одиме кон федерална Европска Унија со која ќе се владее од Брисел, или кон заедница на суверени, национално ориентирани европски држави, во која ќе се почитува волјата на демократски избраните влади, пишува во анализата.

Центарот посочува дека од 2020 година Европската Комисија го спроведува својот „акциски план за европска демократија“, со кој се обидува да создаде основа за мешање во внатрешните работи на државите членки, меѓу другото и преку оценување на начинот на кој се спроведени изборите во овие држави. „Во 2022 година, ова значи обид на европските бирократи да се прогласат себеси за судии кои ќе решат дали изборите во некоја држава биле спроведени во согласност со ‘демократските норми’. Оваа произволна категорија ќе се применува врз земјите членки со кои бирократите од ЕУ не се согласуваат, и ќе се покренуваат казнени постапки за наводно кршење на владењето на правото против нив“, пишува во анализата на унгарскиот центар.

Друг начин за притисок е преку обвинување на „непослушните“ земји членки дека наводно не ја почитувале слободата на изразување и слободата на печатот.

Под превезот на наводна борба против „лажни вести“, Европската Комисија сака да врши проверки на предизборните кампањи и содржината на огласите, со цел да ги забрани тие кои се спротивни на нејзините правила. Комисијата јасно укажува дека сака да постави пристрасни невладини организации како арбитри кои ќе вршат мониторинг врз објавени вести и огласи, се додава во анализата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.