Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш побара од Советот за безбедност на ОН итно да го разгледа барањето на Хаити за распоредување на меѓународни специјализирани воени сили за да помогнат во решавањето на хуманитарната криза во земјата, изјави вчера портпаролот на ОН.

-Генералниот секретар е многу загрижен за ситуацијата на Хаити, која се соочува со епидемија на колера во услови на драматично влошување на безбедноста, што ја парализираше земјата, рече Стефан Дужариќ.

Животот на Хаити од минатиот месец е речиси замрен откако повеќе банди го блокираа терминалот за гориво во Варо. Недостигот на гориво го оневозможува транспортот и ги принуди бизнисите, како и болниците, да престанат со работа.

Тоа доведе и до недостиг од вода во шишиња, токму во моментот кога земјата ја потврди новата епидемија на колера, чие ширење најдобро се контролира со хигиена и чиста вода.

Владата на Хаити во петокот го овласти премиерот Ариел Анри да побара „специјализирана воена сила“ од меѓународната заедница за да помогне во решавање на кризата предизвикана од блокадата на клучните пристаништа за гориво.

-Гутереш вчера испрати писмо до Советот за безбедност со опции за засилена безбедносна поддршка, додаде Дужариќ.

Група хаитски интелектуалци и активисти кои жестоко го критикуваат премиерот Анри, го опишаа неговиот чин како предавство и додаде дека странските сили само ќе ги влошат работите во земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.