Русија е загрижена за ситуацијата во Грузија и Молдавија, бидејќи Соединетите Американски Држави работат на создавање нови жаришта на тензии на границите, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија Александар Грушко.

Загрижени сме за ситуацијата во Грузија и Молдавија, бидејќи тоа се земји кои се далеку од САД, кој се обидува да им нареди што да прават, а што да не прават. Тоа се нашите директни соседи и гледаме дека САД работат со своите сателити за да создадат сè повеќе нови жаришта на тензии на нашите граници – изјави Грушко

Според него Вашингтон се обидува да организира одреден геополитички натпревар во зони кои се клучни, дури и од географски причини, за безбедносните интереси на Москва.

Претходно, протести избувнаа во Тбилиси на почетокот на март, откако грузискиот парламент во прво читање ја усвои првата верзија на нацрт-законот за странски агенти, каде што демонстрантите се судрија со полицијата.

Поради големи нарушувања, како и по пораката на претседателката на Грузија дека го поддржува барањето за повлекување на спорниот предлог-закон, Парламентот на Грузија во второ читање со мнозинство гласови го отфрли предлог-законот за странски агенти.

Во Молдавија веќе неколку дена траат протестите на незадоволните граѓани, а во неделата во главниот град на таа земја се одржа уште еден масовен протест против зголемувањето на цените и царините. Демонстрантите ја повикаа владата да ги плати сметките за парно и струја и побараа оставка од претседателката Маја Санду и од целата влада.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.