Властите во Барселона уште во јуни најавија укинување или ограничување на изнајмувањето станови на туристи до крајот на 2028 година. Во таа смисла, градоначалникот Жауме Колбони го опиша тој потфат како „драстичен“, но многу потребен потег за да се ограничат зголемените трошоци за домување.

Тоа е многу драстично, но мора да биде така, затоа што состојбата е многу тешка… Во Барселона, како и во другите големи европски градови, проблем број еден е просторот за домување. Последниве 10 години цените за изнајмување станови во градот се зголемени за 68 отсто, додека трошоците за купување куќа се зголемени за 38 отсто, рече Колбони.

Имајќи го тоа на ум, градоначалникот почна да ја разгледува „Лиценцата 10.101“ што градот ја додели и дозволува непосредно сместување туристи преку платформи како „Ер-БНБ“ (Airbnb).

Во моделот на масовен туризам којшто „го колонизираше“ центарот на градот, правото на пристап до домување е загрозено, бидејќи домувањето се користи како дејност за повисока заработка, рече Колбони.

Додека некои луѓе критикуваат оти би требале години за мерката да стапи во сила, Колбони се одлучи за временска рамка од 2028 година, кога истекуваат сегашните лиценци во Барселона. Намерата е едноставна: Градот да не обнови ниту една од тие дозволи за изнајмување заради сместување туристи.

Сепак, мандатот на сегашниот градоначалник истекува во 2027 година, па планот може да биде откажан, доколку дојде до промена на власта. Колбони се надева дека планот ќе резултира со враќање на повеќе од 10.000 имоти на пазарот на домување.

Организацијата „Апартур“ ги застапува компаниите за управување со просторот и сопствениците. Оттаму го оценија планот на Градот како „тајна присилна експропријација“, па во септември објавија дека имаат намера да поднесат тужба за изгубените приходи и инвестиции. Планот на Градот треба да го оцени и Уставниот суд.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.