Под површината на Појасот Газа има мрежа од тунели долги стотици, ако не и илјадници километри.

Израелците ги нарекуваат „терористички“, Палестинците тврдат дека се „одбранбени структури“, а само за време на војната во 2014 година израелските сили уништија повеќе од 30 такви тунели, од кои речиси половина имаа „излез“ од израелската страна.

Хамас ги користи овие тунели за да скрие арсенал оружје и луѓе, а се користат и за „шверц“ на обични прехранбени производи што му се потребни на локалното население. Некои од нив, во кои ги пуштаат западните новинари, се доста софистицирани, а Израелците проценуваат дека изградбата на просечен тунел на Хамас чини околу три милиони долари. Тунелите биле користени и за напади врз Израел и за киднапирање војници.

Обично се на околу 20 метри под земја, а оние што ги копаат не се добро платени… Група тинејџери за Vice изјавиле дека заработуваат од пет до 13 долари дневно за копање во крајно небезбедни услови. Во секој момент Израелците можат да го откријат и уништат тунелот…

– Хамас намерно ги гради овие тунели под густо населени области. Честопати влезовите се скриени меѓу училишта, џамии, болници и станбени згради. Терористичката организација намерно ја гради својата структура таму, знаејќи дека Израел ќе се двоуми да го нападне цивилното население – се наведува на официјалната веб-страница на израелската армија.

Колку е долга тунелната мрежа под Појасот Газа е тешко да се знае. Таму во 2016 година, еден од водачите на Хамас, Исмаил Ханије, се пофали дека имаат „двојно повеќе тунели од комунистичките сили што се бореа со САД во Виетнам“.

И Израелците развија специјални технологии за борба против „терористичките тунели“. Иако не сакаат да навлегуваат во детали, станува збор за технологија која користи сеизмички сензори за откривање на подземни вибрации, со кои се откриваат локацијата и димензиите на тунелот, пишува Вашингтон пост во 2018 година.

„Барањето на тие тунели всушност е потрага по вистинска аномалија“, изјавил за овој медиум извор од израелската армија.

Таму, во 2021 година, Израелците изградија дури и подземен ѕид во близина на Појасот Газа! Тие не сакаа да откријат колку длабоко оди, но содржи сензори кои треба да детектираат копање во негова близина.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.