Британскиот премиер Борис Џонсон денеска во своето обраќање во Парламентот нагласи дека му е „жал“ за серијата прослави за време на „локдаунот“ во земјата, идентификувани во официјалната истрага, но вети дека „ќе продолжи со работата“.

Го разбрав тоа и ќе се поправам – нагласи тој.

На Џонсон денеска му беше врачен долгоочекуваниот извештај од истражителите за забавите на кои тој и неговите соработници ги прекршиле строгите мерки против коронавирусот, но содржината не беше објавена бидејќи е во тек полициска истрага.

Владата соопшти дека државната службеничка Сју Греј доставила ажуриран извештај за истрагите што ги водеше против премиерот.

Од кабинетот на Џонсон изјавија дека извештајот ќе биде објавен и дека премиерот по тој повод во текот на денот ќе се обрати пред Парламентот. Сепак, тешко дека ќе биде објавена целосната приказна за наводите што ја потресоа Владата на Џонсон.

Дел од наодите од извештајот нема да бидат објавени на барање на полицијата, која покрена специјална истрага дали некои од речиси 20-те собири кои Сју Греј ги истражувала ги прекршиле законите поврзани со борбата против коронавирусот. Наводите дека премиерот и неговите блиски соработници ги прекршиле строгите ограничувања наметнати од Владата за борба против коронавирусот, предизвикаа гнев во јавноста, но и интензивни расправии во Конзервативната партија на Џонсон, при што некои пратеници бараат негова оставка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.